Почитувани колешки и колеги фармацевти,
Со чувство на професионална одговорност и искрена посветеност кон нашата професија, ја објавувам мојата кандидатура за претседател на Фармацевтската Комора на претстојните избори.
Изминатиот период беше обележан со недоволна транспарентност во работата на Комората, ограничена комуникација со членството и недоволно видливи активности во заштитата и унапредувањето на статусот на фармацевтската професија. Во услови кога фармацевтската дејност се соочува со сериозни предизвици, потребна ни е Комора која ќе биде активен, гласен и кредибилен претставник на своите членови.
Верувам дека е време за нов пристап заснован на отчетност, транспарентност и вистинско вклучување на фармацевтите во процесите на одлучување. Време е за ревитализација на фармацевтската практика и дејност, за враќање на угледот на професијата и за поенергично застапување на нашите професионални интереси пред институциите и јавноста.
Во прилог Ви го споделувам линкот до изборните листи на кандидатите за останатите органи на управување на Комората https://fk.mk/izbori%2026-30/
Сметам дека целосната информираност на членството е предуслов за фер, демократски и транспарентен изборен процес.
Изборите се закажани на 11.06.2026. Ве повикувам активно да учествувате во процесот и да го искористите вашето право на глас. Секој глас е порака за тоа каква Комора сакаме да имаме – пасивен набљудувач на случувањата или силна професионална организација која ќе ги штити интересите на фармацевтите и ќе се бори за развој на фармацевтската дејност.
Убедена сум дека со заедничка енергија, интегритет и јасна визија можеме да изградиме Комора која ќе работи отворено, ќе биде отчетна пред своите членови и ќе претставува вистински двигател на позитивни промени во професијата.
Ви благодарам за довербата и ве повикувам да бидете активен дел од оваа промена.
Со почит,