СМАРТ ФАРМАЦЕВТ МОДУЛ 5. Интервју со м-р фарм. Џоана Андоноска: Комбинацијата од стручност и човечки пристап ја прави аптеката вистинско место на доверба
ПЕТТИОТ СИМПОЗИУМ „АПТЕКАРСКА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА – СМАРТ ФАРМАЦЕВТ МОДУЛ 5“ ВО ЦЕЛОСТ ГИ ИСПОЛНИ НАШИТЕ ОЧЕКУВАЊА. Менталното здравје е исклучително важна и чувствителна тема која е дел од секојдневието на пациентите, но и на здравствените професионалци, и не смее да биде маргинализирана.
Фармацевтите имаат суштинска улога во унапредување на здравјето на населението, вклучително и во доменот на менталното здравје – е главната порака по завршувањето на Петтиот симпозиум „Аптекарска здравствена заштита – Смарт фармацевт модул 5“, кој се одржа на 13 и 14 март 2026 година, во хотелот „Хилтон“ во Скопје, во организација на Здружението на приватни аптеки на РС Македонија (ЗПАРСМ), а посветен на менталното здравје.
„Пристапот на еден ‘Смарт фармацевт’ започнува со емпатија, активно слушање и создавање чувство на доверба. Во практика, тоа значи внимателно следење на вербалните и невербалните сигнали кај пациентот – промени во расположението, несигурност, повторувачки барања за одредени препарати или индиректни навестувања за проблем“, објаснува м-р фарм. Џоана Андоноска, претседателка на ЗПАРСМ. Таа потенцира дека фармацевтот не поставува дијагноза, но има важна улога во препознавање на потенцијален проблем, давање соодветен совет по потреба, упатување кон лекар или друг здравствен професионалец.
